English



Скопје
Битола
Ресен (Преспа)
Охрид (УНЕСКО)
>>Св. Наум
Струга
Куманово
Крива Паланка
Струмица
Крушево
Радовиш
Прилеп
Дебар
Штип
Стоби
Виница
Маврово
Берово

Торонто

360 Македонска продавница, дуќан, сувенири, скулптури...
Скулптури (Лиен Камен)
Сувенири
Привезоци


Почетна > Охрид (УНЕСКО) и околија > СВЕТА БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА (Св. Климент) Испрати на својот пријател

1.4 MB

СВЕТА БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА (Св. Климент)


Според натписот над влезната врата од внатершниот дел на припратата, црквата била изградена под името Света Богородица Перивлепта (Преславна) во 1295 година од византискиот војсководач Прогон Згур, роднина на Андроник II Палеолог. По претворањето на Света Софија во џамија, Св. Богородица Перивлепта станала соборна црква на Охридската архиепископија, а по пренесувањето на моштите на св. Климент Охридски, заштитник на градот Охрид, од манастирот Свети Пантелејмон, го добила името Св. Климент, за да во 2002 год. со градењето на новиот Светиклиментов манастир Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник, го добие повторно своето првобитно име Св. Богородица Перивлепта. По 530 години, на 10. август 2002 во новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон на Плаошник беа пренесени моштите на Св. Климент од црквата Св. Богородица Перивлепта (Св. Климент) во гробницата, меѓу археолошките остатоци која ја направил со својата рака и во која св. Климент бил погребан во 916 година. Во науката и денес црквата Св. Климент е повеќе позната под првобитното име Св. Богородица Перивлепта. Поради својата исклучителна архитектура и фрески, црквата Света Богородица Перивлепта спаѓа меѓу најзначајните средновековни споменици во Македонија. Фреските се дело на сликарите Михаило и Евтихиј, истакнати средновековни зографи, чие создавање може да се следи цели триесет години. Со ова ѕидно сликарство се дадени основите на новиот правец во византиската уметност - ренесансата на палеолозите. Cрквата Света Богородица Перивлепта е градена во облик на впишан крст. Како градежен материјал главно биле употребувани тули и бигор, со чие вешто редење е добиен редок впечаток на хармоничност и полихромија со што оваа црква се издвојува меѓу византиските и македонските споменици на XIII век. А тоа н дава значајно место во средновековната архитектура. Оваа охридска црква станала единствена ризница во која, најверојатно, уште кон крајот на XV век бил формиран Архиепископскиот музеј. Од тоа време датира и библиотека што постоела во споменатиот музеј, а која се вбројува меѓу најстарите музејски библиотеки на Балканот. Во архиепископската библиотека се наоѓале бројни и мошне значајни ракописи кои биле употребувани во соборните цркви на Охридската архиепископија. Особено тоа било изразено во XVI век, кога на чело на Охридската архиепископија бил архиепископот Прохор (1523 - 1550 год.). Тој ја унапредил словенската писменост. Порачувал голем број книги на словенски јазик за црковни потреби. Фреските во Света Богородица Перивлепта, кои ги покриваат сите ѕидни површини во внатрешниот дел, се први датирани дела на сликарите Михаило и Евтихиј. Тие своите имиња ги оставиле испишани на фреските во вид на орнаменти: Михаило - на одеждата на воинот св. Димитрија, Евтихиј - на одеждата на воинот св. Прокопие и на други места. Низ вековите, чадот на свеќите и на кандилата, како и прашината го покриле целиот живопис, оставајќи одвај видливи траги од работата на средновековните зографи. Во 1950 година сликарот и конзерватор Здравко Блажиќ, со помош на специјално направена емулзија од органско потекло, успеа во црквата Света Богородица Перивлепта да открие дел од фреските од 1295 година, кои со силата на својот уметнички израз ги возбудија експертите и ги воодушевија љубителите на средновековното сликарство. Откривањето на фреските успешно беше продолжено по 1950 година. Сликарството во Света Богородица Перивлепта го карактеризира тематско проширување и зголемување на бројот на фигурите во композициите. Централно место на западниот дел на ѕидот во наосот на црквата зазема композицијата "Успение на Богородица", која е составен дел на циклусот за Богородица, што ја покрива целата прва зона, со исклучок на главниот олтарен простор. Под овој циклус се насликани стоечки фигури на светци. Меѓу стоечките фигури, на северниот ѕид насликани се портрети на св. Климент Охридски и на Константин Кавасила, охридски архиепископ од XIII век. Во горната зона, над Богородичниот циклус, претставени се сцени кои го прикажуваат животот и маките на Христос. Уметниците, ги користеле сводовите за да насликаат сцени на Големите празници. Полукалотата на олтарниот простор и овде е резервирана за Богородица, која е прикажана како стои со раширени раце, додека околу неа на еден ѓердан од медалјони насликани се портрети на 28 пророци и праведници. Во кубето е сместен Исус Христос, како страшен судија. На два од четирите столба, што го носат кубето, осумте стоечки фигури ги претставуваат светите воини. Во припратата на црквата, од фреските од крајот на XIII век, најкарактеристична е композицијата "Божиќната химна", која се наоѓа над влезната врата, како и сцените поврзани за Богородица. Сликарите Михаило и Евтихиј воведуваат безброј новини. Пред сe фреските од нивниот охридски период на творештвото ги карактеризира стремеж за индивидуализирање на прикажаните ликови и понагласено напуштање на иконографските шаблони. Ликовите на многубројните стоечки фигури, како и ликовите од композициите најдобро ја потврдуваат концепцијата на сликарите. Тие, овие светители ги прикажуваат како силни луѓе, полни со енергија и воинствен изглед. Со право се истакнува дека сликарите на фреските во Света Богородица Перивлепта во своето време немале конкуренти во прикажувањето на драматичните и длабоко изразените расположенија. Во тој поглед, сликарите Михаило и Евтихиј изградиле мошне специфичен личен стил. Тоа најдобро се забележува во композицијата "Оплакување на Христос" - на северниот ѕид, во втората зона - каде што покрај главните, сликарите на сцена ставаат и многу споредни, но мошне активни мажи, жени и ангели. Силната драматика, каква што е во композицијата "Оплакување на Христос" изразена преку гестови и движења на телата ретко може да се сретне кај нас, со исклучок на композицијата "Оплакување на Христос" од XII век во црквата Свети Пантелејмон во Нерези, кај Скопје. Ако, пак, се прават некои пошироки споредувања, оправдано се бара врска меѓу овие охридски фрески и сликарството на раната ренесанса. На вакви компарации упатуваат специфичните моменти во композицијата "Оплакување на Христос". Прикажувањето на Богородица и другите со расплетени коси, болот прикажан преку изразот на лицето и движењето на рацете се ликовни решенија коишто имаат мошне заеднички карактеристики со фреските на италијанскиот уметник Ѓото, современик на сликарите Михаило и Евтихиј.






Privacy Policy | Почетна | Соновник | Хороскоп | | 360 Дуќан | Коментари | Контакт
© 2006 - 2013 Сите права се задржани 360Macedonia.com
Design & Hosting - nakka.ca